Москва гневна поради карикатурите за падот на рускиот авион

0
269

Кремљ денес ги оцени како „богохулни“ двете карикатури објавени во францускиот сатиричен неделник Шарли ебдо за падот на рускиот „ербас А321“ на Синај во кој во саботата загинаа 224 лица.

„Во нашата земја тоа се вика богохулење во широка смисла на зборот, тоа нема врска ни со демократијата, ни со слободата на изразувањето“, им кажа на новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, кој карикатурите на Шарли ебдо ги нарече „неприфатливи“.

Песков сепак истакна дека Русија нема да бара објаснување од Париз околу двете карикатури објавени во средата, од кои едната, насловена „Даеш (арапското погрдно име за ИСИС): руската авијација ги интензивира бомбардирањата“, прикажува исламист што се штити од делови од авион што паѓаат врз него.

„Има ли граници русофобијата во западните медиуми?“, праша пратеникот Алексеј Пушков, претседател на комитетот за надворешни прашања на Думата, долниот дом на рускиот парламент.

 Иако Русија учествуваше во маршот на солидарност организиран во Париз против „тероризмот“ по нападот врз редакцијата на Шарли ебдо во јануари, нејзината солидарност набрзо потоа ја снема, оценувајќи ги карикатурите како недостиг од почит кон верниците.
www.mkd.mk