Можен е договор во „минута до 12“, Ципрас е во преговори со Јункер, но без ММФ

0
277

Грција има рок до полноќ да му исплати 1,6 милијарди евра на ММФ, пред кризата да дојде до точка на зовривање, а според последните информации – договорот е можен.

Иако Грците треба в недела на референдум да се изјаснат дали сакаат договор со кредиторите или не, Гардијан пишува дека Атина денес води интензивни преговори со Брисел.

Наводно премиерот Алексис Ципрас е во контакт со претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, а на маса е ставен нов предлог на доверителите, кој ѝ бил испратен на Атина синоќа.

Висок официјален претставник од Атина за британскиот весник рекол дека „постои можност да се исплати долгот кон ММФ пред крајниот рок“.

„Во моментов не изгледа како да ќе има уплата, но претходно секогаш се наоѓаа решенија во минута до 12“, изјавил изворот.

Грчкиот портал Њусит вели дека во тек се „цела оргија состаноци“ помеѓу претставниците на Атина и Брисел, за до полноќ и до истекот на програмата да ѝ се помогне на Грција да се постигне заедничко решение.

Ципрас наводно го притискаат и од неговата партија СИРИЗА, каде што неколку луѓе на високи позиции инсистираат да се прифати последната понуда од Европа.

„Сè се одвива многу брзо, постои сериозен план подготвен од неколку страни, за да се дојде до договор до полноќ“, вели Њусит.

Меѓутоа, она што е од клучно значење за грчката страна е тоа што ММФ е исклучена од договорот. Ципрас веќе неколку пати жестоко ги нападна претставниците на ММФ и се чини дека ова е „црвената линија на Атина“.

Според грчки извори, клучен играч во помирувањето е Франција, а сега едно крило во СИРИЗА бара да се прифати „привремено решение“, за да се одложи можноста за банкрот.