Мозочна смрт поради клиничко тестирање лекови во Франција

0
468

Едно лице е во состојба на мозочна кома, а пет други се во тешка состојба откако учествувале во клиничко испитување на експериментален лек на база на канабис во неименувана лабораторија во западна Франција, соопшти во петокот попладнето министерството за здравство коешто претходно претпладнето потврди дека шест луѓе сериозно се разболени откако учествувале во тестирање нов лек за една приватна лабораторија.

Претходно во соопштението на министерството за здравство на Франција не беше појаснето за кој лек станува збор, но се тврди дека шесттемина заболени учесници пред тестирањето биле здрави. „Тестирањето е изведено во приватна лабораторија, специјализирана за изведување клинички тестирања“, пренесе AFP.

Министерството, исто така, ниту во подоцнежното соопштение од петокот не наведува за што би се користел идниот лек, меѓутоа лице запознаено со ситуацијата тврди дека станувало збор за лек против болки на база на канабис. Сé тргнало на лоши во четвртокот во текот на првата фаза од клиничкото тестирање, односно на здрави доброволци кои лекот го примиле преку орален пат во „европска лабораторија“ во Рен, во западниот регион Бретања.

Британската компанија „GW Pharma“, која на пазарот ги испорачува одобрените лекови на база на канабис во лекувањето на вкочанетост предизвикана од мултиплекс склероза, тврди дека не учествувала во ова испитување.

Извор запознаен со случајот тврди дека терапевтското испитување го спровела компанијата „Biotrial“, истражувачки медицински центар одобрен од страна на француското министерство за здравство, а на сметка на португалската фармацевтска компанија „Bial“.

Лабораторијата „Biotrial“, основана 1989 година, врши клинички испитувања за низа фармацевтски компании и вработува 300 луѓе во светот, од кои 200 во Рен. „Bial“, пак, водечка португалска фармацевтска групација основана 1924 година. Како најважни терапевтски области компанијата ги наведува производството на лекови за нервниот систем, кардиоваскуларниот систем, проблеми со дишењето, алергии, а работи и на производство на антибиотици.

Лицето коешто се наоѓа во состојба на мозочна смрт и другите заболени, се сместени во болницата во Рен. Сите испитувања на овој лек се прекинати, а доброволците, чиј вкупен број сé уште не е познат, се повлечени од постапката. Станува збор за повеќето студенти коишто со учеството во испитувањето на лекови си ги плаќаат студиите.

Случаите во коишто клиничките испитувања тргнуваат на лошо уште во првата фаза се ретки, но се регистрирани. Последната таква трагедија се случи во Европа во 2006 година, кога шест здрави доброволци, коишто примиле експериментален лек беа пренесени на одделението за интензивна нега во болница во Лондон. Еден од нив по земањето на лекот изгледал како „човекот слон“ бидејќи главата му се надула како балон, а на друг му отпаднало месото од врвовите на прстите и ги загубил ножните прсти. Пред пет години во САД почина 24-годишната Елен Роше, додека учествувала во испитување на лек за астма. Станува збор за испитување на хексаметонин коешто се спроведувало на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Во првата фаза од клиничко испитување, лекот им се дава на здрави лица за да се утврди како телото реагира и кој би вила најдобрата доза за пациентите. Во фазите два и три се утврдува ефикасноста на лекот и неговата сигурност за пациентите и дури тогаш може да биде пуштен во продажба.

Француската Национална агенција за безбедност на лековите и производите за здравје (ANSM) најави „инспекција на лабораторијата во којашто е спроведена првата фаза од клиничките испитувања“. /крај/мф/сн