МРТ веќе нема да се емитува преку сателит

0
326

Преносот на програмата на Македонската телевизија преку сателит во земјите каде што живее македонското иселеништво прекинат е веќе подолг период поради неплатени сметки до сателитскиот провајдер, а телевизијата сега и официјално донесе одлука да го прекине овој договор.

Од МРТ велат дека отсега дијаспората нивната програма ќе ја гледаат само на Интернет. За таа цел веќе се подготвуваат разни интернет апликации за полесно следење на програмата на МРТ. Сателитскиот пренос за МРТ бил прескап проект.

За три години со оваа мерка ќе се заштедат 5 милиони евра, велат од Македонската телевизија.

Македонската дијаспора веќе подолг период има проблем со следење на програмите на МРТ поради неплатен долг кон компанијата Јуро ворлд нетворк (ЕWN). Во февруари годинава телевизијата должеше околу 348.000 евра за 4 месеци неплатена закупнина на сателитскиот пренос на двата канали на Македонската телевизија за Австралија, Нов Зеланд, Канада, САД и Европа.

Уште тогаш американскo-австралиската компанија Јуро ворлд нетворк најавија дека веќе ја почнале процедурата за прекинување на договорот поради неплаќање.

Во мај 2012 година МРТ потпиша договор со Јуро ворлд нетворк за продолжување на понудата на содржини преку сателитот Хотбрд и проширување на програмите на македонски и албански јазик низ целиот свет.

www.mkd.mk