Музичко засладување преку Шербет Љубојна за затворање на 45-тото издание на Илинденски денови

0
428

Со громогласен аплауз и преполна Хераклеа, со концертот – Шербет Љубојна, на виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски и Љубојна, се затвори 45-от Републички фестивал на народни песни и игри Илинденски денови.

Според традицијата, свеченото затворање започна со доделување на наградите за најдобрите фолклорни групи и ансамбли, кои во изминатите фестивалски денови понудија изворни, автентични и селектирани обработени фолклорни содржини инспирирани од изворните, а потоа во чест на наградените беше приреден целовечерниот концерт.

Шербет Љубојна е истоимениот наслов на музичкиот албум и двојното ЦД кои наскоро ќе бидат промовирани, а издавач ќе биде Центарот за култура-битола.

Врвното доживување со светските реномирани музички уметници и музичкото волшебство, предизвикани од секој прозиведен звук на инструментите во хармонија со прекрасниот вокал на Вера, ја воодушеви битолската публика.

Битолската етно група „Љубојна“ заедно со виртуозот на кларинет, Исмаил Лумановски, на битолската публика и многубројните туристи во преполната Хераклеа им приредија вистинско двочасовно музичко  уживање со зборот на песната и музиката низ звуците на традицијата, чалгијата .

Убавината на магијата на музиката со звуците на кларинетот ја долови биолчанецот, Исмаил Лумановски, кој повеќе години живее и работи во Америка.

Него битолската публика имаше можност да го види на концертот насловен Сон, верба, љубов, кој заедно со Дуке Бојаџиев, го изведе во Центарот за култура пред неколку месеци.

Неговиот природен талент, духот на традиционалните мелодии и дисциплината на класичната музика го одведоа Лумановски на многу познати музички сцени во светот и до многубројни награди. Како слободен и отворен кон музичките жанрови, Лумановски претставува еден брилијантен, млад кларинетист.

Во изминатите четири денови на фестивалот Илинденски денови, во Битола продефилираа околу 1.000 учесници, членови на КУД-ови од државата,а во рамките на фестивалот, се одржа и интернационалната вечер, повеќе придружни манифестации, работилница и изложба по повод јубилејот 40 години -Државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“.</span