Музика и муабети на новинарот Георгиевски и во Битола

0
275

Новинарот Ненад Георгиевски ја промовираше и во Битола книгата„Музика и муабети“, кој самиот се опишува како страстен колекционер на книги и музика, долгогодишен музички новинар кој слуша со „уши широко отворени“ и го користи медиумот на музиката за да се сретне со неверојатни луѓе и со нивната уметност.

На порталот Аll About Jazz вели дека тој до сега има објавено 197 осврти за албуми и 124 други статии, од рецензии на книги и филмови, преку интервјуа, до репортажи од живи настапи. Конечно дел од сето тоа е достапно на македонски, во форма на книга.

Книгата претставува избор од интервјуа кои тој до сега ги има направено со некои од нив. Како што вели Влатко Стефановски, еден од интервјуираните, во предговорот кон книгата, среќа е и привилегија тие да ти дозволат да „ѕирнеш зад завесата“ и да ти откријат нешто за нивниот креативен процес, начин на размислување и доживување на музиката и светот. А Ненад ја имал таа среќа со куп значајни имиња од современата музика – Дејвид Брн, Дејвид Силвијан, Раби Абу Калил, Пет Метини, но и такви за кои можеби прв пат ќе слушнете од неговите текстови.