МВР падна на испитот на 27 април, суспендирани 23 лица

0
821

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево на прес – конференција соопшти дека Извештајот на работната група во МВР за настаните од 27 април во Собранието ги утврдил формално правните пропусти и ги открил систематските недоследности во Министерството.

– Овој орган, падна на испитот на 27 април, поради партизирање на раководните структури. Ова Министерство мора да се департизира, да се ослободи за да работи и нормално да функционира. На граѓаните, им должиме да го исчистиме срамот кој се случи на 27-ми април. Имаме суспензии на повеќе од 20 луѓе, поточно 23, поведени се дисциплински постапки за 45 лица, а во тек е целокупна истрага за тој инцидент. До овој момент, немаме разрешување за било која од тие позиции, изјави Спасовски.

Извештајот, како што рече,  прецизно, филигрантски ги детектира одговорностите за тоа што се случи во Собранието, но не соопшти никакви имиња бидејќи извештајот бил класифициран документ.

Тој ќе биде доставен до Јавното обвинителство кое треба да ги утврди сите можни одговорности, персонални и објективни, за секој кој ги пречекорил законските надлежности.

Спасовски потенцира дека за „срамниот чин“ во Собранието мора да има одговорности и санкции и дека Министерството за внатрешни работи мора да се деполитизира, декриминализира и департизира.