На австриските претседателски избори води десницата

0
555

Кандидатот на десничарската Слободарска партија (FPo) на австриските претседателски избори Норберт Хофер е во водство со 51,9 отсто од гласовите, но резултатот не е конечен, бидејќи уште не се преборени гласовите кои стигнуваат по пошта, објави во неделата вечерта австриското министерство за внатрешни работи.
Независниот кандидат, Александер Ван дер Белен, кој всушност беше кандидат на Зелените и ја имаше поддршката и од двете етаблирани партии од левиот и десниот центар, освоил 48,1 отсто од гласовите, покажуваат прелиминарните официјални резултати.

Доколку победи Хофер, кој во првиот изборен круг освои убедливо најголем број гласови, тоа ќе биде првиот претседател кој доаѓа од една крајно десна партија во земја на Европската унија.

Последните проекции, коишто исто така не ги вклучуваат гласовите на отсутните, за кои се проценува дека ги има 900.000 или 14 отсто, предвидуваат дека двајцата кандидати ќе добијат по 50 отсто, со водство на Ван дер Белен од 3.000 гласови, пренесува германската новинска агенција DPA.

Од друга страна, истакнувајќи дека конечниот резултат од вториот круг на претседателските избори во Австрија ќе биде познат во понеделникот, агенцијата AFP додава дека гласањето по пошта досега вообичаено одело во прилог токму на FPo.

Австриската телевизија ORF, калкулирајќи со гласовите по пошта, објави дека двајцата кандидати се целосно изедначени,

Ниеден од двајцата кандидата во неделата навечер не се осмели да објави победа, повикувајќи ги Австријците, коишто овие избори во голема мера ги поделија, да се обединат.

„Претседателот, кој и да биде, мора да биде претседател на сите Австријци“, изјави Норберт Хофер, сегашен претседател на парламентот, за австриската јавна телевизија. Противкандидатот Алексадер Ван дер Белен од своја страна ги повика сите политички сили „да работат заедно на најдобар можен начин“.

Околу 6,4 милиони гласачи беа повикани во неделата на изборите на кои треба да се избере наследникот на досегашниот претседател Ханс Фишер, кому му истекува вториот мандат.

Излезноста на гласачите, која се проценува на над 70 отсто, повеќе отколку што беше во првиот изборен круг на 24-ти април, кога Хофер доби најголем број гласови – 35 отсто, додека поранешниот челник на Зелените, Ван дер Белен беше втор со 21,3 отсто од гласовите.

Во Австрија претседателската должност во голема мера е симболична, но претседателот сепак има некои важно овластувања како можноста да ја отповика владата, што кандидатот на десницата во своите последни предизборни обраќања не го исклучи. Новиот претседател, кој се избора со мандат од шест години, ќе стапи на должноста на 8-ми јули.

Сегашната влада на Австрија ја сочинуваат социјалдемократите и „народњаците“, двете големи партии кои со години како спротиставености доминираа со тамошната политичка сцена, но сега станаа изборни губитници.

Тесната изборна трка, ја одразува сé поголемата поделба во австриското општество. Меѓу оние кои им изразуваат добредојде на речиси стоте илјади доселеници, кои пристигнуваат од минатата година, и оние кои стравуваат дека тоа ќе ги загрози традиционалните австриски вредност, ќе ја промени демографијата на земјата и ќе го загрози животниот стандард.

Излезните анкети покажуваа дека оние кои се чувствувале економски посигурно, гласале за Ван дер Белен, додека оние кои очекуваат пад на животниот стандард гласале за Хофер. Се проценува дека 86 отсто од работниците гласале за Хофер, пишува DPA без да ги наведе изворите.

Двајцата кандидати истакнаа дека 50 отсто од оние кои го поддржуваат Хофер не значи дека се гласачи на крајната десница, туку луѓе кои протестираат против центристичката влада, којашто се соочена со лошите економски предвидува и нема визија како да ги надвладее./крај/мф/сн