На четири места гореше во битолско

0
1469

Со високите температури и почетокот на летото настапуваат и пожарите. За среќа годинава помалку ги има од лани. За прв пат екипата на ТППЕ од Битола само во текот на вчерашниот ден имале четири интервенции на отворен простор. Сите,  како што не информираше командирот на ТППЕ Костадин Поповски биле предизвикани од човечки фактор.

Вчера во 12 часот по дојава од граѓани испратиле една екипа над Тепсија , каде горело ѓубре. Пожар поголем имало и во месноста викана Букри во близина на Гермијан, каде што гореле повеќе хектари на житарица. Екипа на ТППЕ само два пати интервенирала и во Нова Битола . Сите пожари биле навремено локализирани.


Поради зголемувањето на надворешните температури и сушниот период , од ТППЕ Во Битола велат дека се зголемува и опасноста од настанување на шумски пожари и други пожари на отворен простор, а ваквата состојба наложува поголема будност и мобилност на сите граѓани и субјекти во заштитата од ваков вид пожари. Од таму со препораки да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места, да не се палат стрништа, меѓи, пасишта и други површини, да не се фрлаат стаклени шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење на отпад и друг материјал што гори, да не се фрлаат отпушоци, да не се напушта огништето додека не се уверите дека огнот е потполно изгаснат.

Воедно предлагаат да се отстрани запаливата вегетација покрај јавните сообраќајници, да не се дозволува децата да си играат со запалки, пламен и жар. Доколку граѓаните оценат дека пожарот е мал и безбедно можат да го гаснат, да го сторат тоа со прирачни средства, а во спротивно да се оддалечат на безбедно растојание.Од ТППЕ додаваат дека доколку граѓаните забележат пожар да информираат на бесплатниот телефонскиот број 193.