На денешен ден е роден Тоше Проески

0
449

Во 1981 година во Прилеп е роден Тоше Проески. Музичката кариера ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место со песната „Лифе“. Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Со песната „Чија си“ во 2003 година Тоше победи на белградскиот музички фестивал „Беовизија“. Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004) „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005) „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“ – хрватска верзија (2007). Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни.

Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Негови најпознати хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце није камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други. Тоше ги привршуваше студиите на Музичката академија во Скопје и работеше на музичката кариера во светски рамки.

Последниот концерт во Македонија го одржа на 5 октомври на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата. Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска.