На граѓаните им е преку глава од политичката криза

0
370

Премиерот Емил Димитриев вечерва се обрати во Македонската опера и балет по повод утрешниот празник, 23 Октомври Денот на македонската револуционерна борба. Тој порача дека на граѓаните им е преку глава од политичката криза, и дека од нив зависи кој ќе биде исходот од изборите на 11-есети декември. Димитриев порача дека Јавното обвинителство и СЈО дека треба да работат во интерес на граѓаните, а не под политичка агенда.

– Целото општество е во своевиден грч . Предолго време сите ние сме заложници на наметната криза која сите нас не дефокусира од решавање на главните проблеми со кои се соочува нашиот народ. Болно е и тоа што оваа криза има рефлексија на секојдневието на граѓаните, стопанствениците се обесхрабрени да преземат покрупни и посериозни нови инвестициски циклуси, администрацијата која има улога на сервис на граѓаните дејствува со помалку интензивно темпо, економскиот раст со кој сите ние се гордеевме како држава е забавен, пропуштени се шанси за поголеми инвестиции, истакна премиерот.

Иако со макотрпна работа обезбедуваме инвестиции од странство и капитални инвестиции во земјата, сепак, додаде, некои шанси и можности се пропуштени.

– Жалам затоа што заради ваквите работи не се вработија поголем број на луѓе. Ова мора да запре, укажа Димитриев.

Според него, Владата за спроведување на изборите ќе направи се што е во нејзина моќ и ингеренции и покрај сите предизвици со кои се соочува, за да обезбеди фер и демократски избори и во текот на овој период до изборите и во текот на изборниот ден.

– Но, Владата не е единствено одговорна за креирањето на довербата во изборниот процес. Своја одговорност имаат и сите партии, поединци, органи, институции, сите чинители во политичкиот и општествениот живот, подвлече премиерот Димитриев во обраќањето.