На границата е повторно мирно

0
294

На македонско-грчката граница од вчеравечер е мирно. Во вчерашните безредија има повеќе од 250 повредени бегалци и 23 припадници на македонските безбедносни сили.

Раководителот на кампот за прием на бегалци од македонска страна, Зоран Лазаровски, за агенцијата АФП информира дека имало три групи бегалци од по околу 500 луѓе, кои се обидувале да ја пробијат границата на три различни места. Македонската полиција одговорила со солзавец. Полицијата, како што се вели, го сторила тоа за да се заштити, поради тоа што била гаѓана од страна на бегалците со камења и метални предмети. Македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во безредијата учествувале повеќе од 3000 мигранти и дека во текот на целото време грчките полициски службеници не интервенирале во спречување на безредијата на границата. За време на судирите, според МВР, повредени се 23-ца службеници, и тоа 14 полициски службеници и деветмина припадници на макеодонската армија, а оштетени се три возила на МВР и пет возила на АРМ. Меѓу странските полициски службеници на границата нема повредени, соопштува Министерството.