На ирански патнички авион му отпаднал мотор веднаш по полетувањето

0
3487

На авион боинг 747 на иранската компанија Махан ер му отпаднал еден мотор набргу по полетувањето од Техеран, што ги преплашило патниците, но нема повредени.

Авионот со 300 патници летал кон југот на Иран, кога моторот му отпаднал и паднал во блиското поле. Големиот авион се вратил и извршил принудно слетување. Иранските медиуми и социјалните мрежи постираа фотографии од паднатиот мотор.

Исламската република Иран се обидува да ја модернизира својата застарена флота од 140 оперативни авиони. Земјата со години е под санкции поради контроверзната нуклеарна програма, што го отежнува набавувањето резервни делови и одржувањето на леталата.

Рестрикциите беа ублажени откако Техеран со светските сили потпиша привремен договор, кој стапи на сила во јануари 2014 година. тоа овозможи набавка на резервни делови, но директната продажба на авиони и понатаму е забранета.

Иран сака да купи нови патнички авиони од компаниите Ербас и Боинг, откако долгорочниот договор со светските сили ќе стапи на сила.