На судијката ѝ се слоши при сослушувањето на Јанкулоска

0
515

Денешното сослушување во скопска единица на кое се одлучуваше дали ќе и биде одземен пасошот или не на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е одложено на неодредено време, бидејќи на судијката и се слошило па мораа да интервенираат лекари од Итна помош. Сослушувањето е по барање на СЈО, од каде пред неколку дена побараа од судот на Јанкулоска и на четворица други вработени во МВР да им се одземат пасошите, бидејќи се обвинети во случајот „Тврдина“.

– Не сум претставник на судот директно да ги коментирам неговите одлуки. За мене ова е очекувана активност на Специјалното јавно обвинителство. Мислам дека ќе продолжат во контекст на тоа што го прават во пресрет на претстојните парламентарни избори. Меѓутоа, овој предмет е само еден доказ дека се што беше најавено се потврдува. За денешното рочиште да оставиме судот сам да си каже и да ја извести јавноста. Јас очекувам СЈО да отвори случаи, затоа што тоа е нивна мисија и тоа е нивна политичка агенда. Не е прашање колку случаи ќе отворите, туку колку и на кој начин ќе ги затворите, а за сето тоа останува судот да одлучи како ќе бидат тие предмети затворени. Јас не сум сторила никакво кривично дело по однос на случаите кои СЈО веќе ги најави со отворање истраги, ниту пак по било кој друг предмет што може ќе го конструираат. Кога не сте сторител на кривично дело нема потреба да се чувствувате виновен и јас не се чувствувам виновна ниту по првиот, ниту по вториот случај. Додека бев на функција јас работев чесно и поштено, само во интерес на Македонија – рече Јанкулоска.