На трупот на урнатиот авион на EgyptAir имало напишана закана

0
996

Вработени на Меѓународниот аеродром во Каиро, кои го поддржувале забранетото во Египет исламистичко движење Муслиманско братство, пред околу две години на трупот на авионот на компанијата „EgyptAir“ кој се урна во четвртокот, напишале заканувачки натпис, објави во неделата електронското издание на весникот The New York Times.

Според сознанијата на весникот, натписот на арапски јазик гласел „Ние ќе го симнеме овој авион“. Службата за безбедност на каирскиот аеродром тогаш го поврзале тоа со тензичната внатрешнополитичка состојба во земјата поради отстранувањето од власт во Египет на исламистичкиот претседател Мохамед Морси во 2013 година, а набрзо потоа Муслиманското братство беше прогласено за терористичка организација и беше забрането нејзиното дејствување.

Подоцна воздухопловната компанија „EgyptAir“ отпуштила од работа голем број вработени кои биле сомничени како поддржувачи на Муслиманското братство и исламистот Морси. Слични чекори преземале и другите египетски воздухопловни компании, додава весникот.

Притоа, како што укажува The New York Times, како мерки на претпазливост на секој лет на „EgyptAir“ имало по двајца безбедносни офицери во цивил. На летот MS804 од Париз за Каиро во четвртокот утрото, пак, имало тројца припадници на безбедност. Поради што била преземена ваквата засилена безбедносна мерка, засега не е познато.

Во текот на летот еден од безбедносните офицери, обично седи на почетокот од кабината, веднаш по делот за бизнис-класата, а вториот кон крајот на авионот. Зошто на овој лет имало тројца безбедносни офицер, соговорниците на весникот не можеле да објаснат.

Причината за падот на авионот со 66 патници и членови на екипажот, меѓу кои државјани на Египет, Франција, Велика Британија, Канада и други земји, засега не е утврдена./крај/мф/сн