На улиците на европските градови денеска протести за и против бегалците

0
235

Стотици илјади луѓе ќе излезат денес, како што се очекува, на улиците на европските градови за со „Денот на акцијата“ да ја изразат солидарноста со бегалците, додека истовремено се најавени и антиимиграциски протести.

Само во Лондон околу 90.000 луѓе најавиле дека ќе учествуваат на собирот за поддршка на бегалците, додека слични собири се предвидени и во Берлин, Виена и во Лисабон.

„Време е да прозборуваме против смртоносните граници подигнати во наше име. Сакаме да ја покажеме, заедно со илјадници други низ цела Европа, својата солидарност со тие што бегаат од војната, насилството и деструкцијата. Сакаме да им порачаме на сите бегалци: ‘Добредојдени сте!“, напишаа организаторите во повикот на протест објавен на фејсбук-страницата наречена „Европски ден на акција за бегалците“.

До петокот попладне 89.000 луѓе напишале дека ќе учествуваат на собирот во центарот на Лондон, пренесе Франс прес.

Собирот ќе почне во Хајд-паркот, а потоа ќе продолжи кај резиденцијата на британскиот премиер Дејвид Камерон во Даунинг стрит.

Вакви собири се најавени и во други британски градови, како и во португалските, каде што 4.000 лица напишале дека ќе излезат на улиците.

Најмалку 5.000 луѓе се пријавиле за протестот во Берлин, а околу 6.000 во Виена.

Неколку илјади се очекуваат и во Атина, како и во француските градови Ница, Лион и Авињон.

Истовремено, собири против бегалците се најавени во неколку града во Источна Европа.

Во Варшава ќе се одржат два протестни собири, еден во организација на невладини групи, за поддршка на бегалците, и друг на кој повикале крајно десничарските струи, против бегалците.

Два собири се закажани и во Прага, каде што за мигрантите се очекуваат околу 3.000 луѓе, а околу 2.000 против, како и во Братислава.