Над 10 илјади посетители на „Тера Мадре Македонија“

0
983

Повеќе од 10.000 посетители имаа можност да уживаат во дегустација и презентација на македонски традиционални производи во рамки на манифестацијата „Тера Мадре Македонија“. Слаткото од диви смокви, виното од станушина, буковската пипер, сирењата од мавровско-реканскиот регион, медот од македонската медоносна пчела, беа само дел од производите поставени на 50-тина штандови кои можеше да се видат и вкусат на трпезите на битолскиот плоштад.

Организатор на манифестацијата е Слоу Фуд Македонија, од каде истакнуваат дека се задоволни од посетеноста на настанот под мотото „Мрежа која инспирира промени“.

На едно место,се собрале и ги презентирале стари вкусови, едуцирале нови генерации за нашата традиција и од таму додаваат дека доколку се комбинираат добрата храна, одговорноста и задоволството, тогаш се гарантира опстанокот на многу сорти, раси, производи и методи на преработка.

На настанот беше ставен акцент на вмрежувањето на малите производители во една национална мрежа која, во иднина, ќе служи како платформа за воспоставување дијалог со претставниците на институциите, експертите, граѓанските организации, производителите и останатите чинители“, со цел да се обезбеди поддршка на малите фармери и на одржливиот развој на  руралните средини.

На дел од штандовите се презентираа и македонското органско производство, како и производи од традиционални и занаетчкиски производства.

На првиот настан Тера Мадре Македонија, се одржаа многу конференции каде се дебатираше за храната и традиционалните производи, се организираше младински камп и се презентираа петте президиуми на Слоу Фуд Македонија. Учествуваа гости од Италија, Шпанија, Турција, Бугарија и Албанија. Оваа манифестација, според организаторот Слоу Фуд, ќе прерасне од национален во регионален настан.

Слоу Фуд Македонија ја организираше оваа манифестација со финансиска поддршка на Европската Комисија, преку проектите “Еколошко одржлив социо–економски развој на руралните средини (ЕССЕДРА)„ и “Зачувување и маркетинг на традиционални сирења од фарма (П&М)„ како и партнерите: Постојаната работна група за регионален рурален развој во Југо источна Европа SWG поддржана од програмите на ABD и GIZ, Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка, Центарот за развој на пелагонискиот плански регион.