Над 100.000 потписи во Србија против реалните шоу програми, кичот и шундот на телевизиите

0
294

Над 100 илјади потписи се собрани во Србија преку интернет во рамки на потпишувањето на петиција за укинување на реалните шоуа од домашните телевизии.

Во Србија и во регионот во моментот може да се гледаат „Големиот брат“, „Фарма“, „Парови“, „Малдиви“, на што дел од јавноста отворено се спротивставува, укажувајќи дека воајеризмот што со тоа се поттикнува кај гледачите придонесува кон ширењето на шундот и кичот и дека тоа лошо влијае врз младите генерации, промовирајќи го примитивизмот, вербалното и физичко насилство, како и баналноста.

Рејтинзите на гледаност покажуваат дека овие емисии пред тв-екраните привлекуваат мноштво љубопитни кои сакаат кавги, конфликти и тепачки меѓу наводните славни личности учесници во тие емисии, а често и исценираниот секс пред тв камерите.

Со петицијата се бара укинување или барем забрана за емитување на реалните шоу програми на телевизиите кои имаат национална фреквенција.

„За некои научно-образовни програми е потребно да се доплати, додека тој облик на порнографија и штетен материјал е достапен до нас и нашите деца. Нашите деца почнуваат да се претвораат во тие духови, девојчињата уште од 12 години се облекуваат како старлети и ги земаат за идеали и идоли лицата што ги гледаат таму“, се вели во петицијата покрената на Фејсбук.

Засега нема навестување како авторите на ова петиција би можеле да ја капитализираат оваа поддршка, со оглед дека нема реакција ниту од државното регулаторно тело за електронски медиуми. /крај/он/ст

Без коментари

LEAVE A REPLY