Над 300 000 бегалци го минале Медитеранот на пат до Европа

0
239

Бројот на бегалци и мигранти, кои го минале Медитеранот да стигнат до Европа, надминал 300.000 оваа година, соопшти Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации, УНХЦР, објави Мета.

Оттаму велат дека тоа е за 219.000 повеќе во однос на цела 2014 година. Повеќе од 2.500 луѓе оваа година загинале минувајќи го Медитеранот, не вклучувајќи ги околу 200 мигранти кои се удавиле во близина на брегот на Либија во последните 24 часа.

Што се однесува до Македонија УНХЦР очекува дека во наредните месеци во Македонија секојдневно ќе влегуваат до 3.000 луѓе.

– Не гледаме било каков крај на приливот на луѓе во наредните месеци – рече портпаролката на Високиот комесар на ОН за бегалци, Мелиса Флеминг, на брифингот во Женева пред неколку дена.

Иако ситуацијата сега е смирена, од УНХЦР и понатаму се загрижени за условите во кои се наоѓаат бегалците и мигрантите, а Флеминг ја повика ЕУ да им пружи помош на Грција, Македонија и Србија во решавањето на проблемите предизвикани од масовниот прилив на мигранти.

Ден подоцна Европската комисија одобри дополнителни 1,5 милиони евра хуманитарна помош за Македонија и за Србија за згрижување на бегалците и мигрантите.