Над 500 момчиња злоставувани во католичко училиште во Германија

0
934

Повеќе од 500 момчиња биле подложени на физичка или сексуална злоупотреба во хор во католичко училиште во Германија, во периодот помеѓу 1945 и 1992-та.

Во извештајот на адвокатот Улрих Вебер се вели дека 547 момчиња од светски познатиот хор „Домспатзен“ биле жртви на физичка или сексуална злоупотреба, од страна на 49 сторители.

Вебер, кој го започнал истражувањето во 2015-та година, како резултат на скандалот со сексуална злоупотреба во 2010-та година во кој беа вклучени членови на Католичката црква рече дека жртвите чувствуваат дека над нив се доминирало со „насилство, страв и беспомошност“ и училиштето го споредуваат со „затвор, пекол или концентрационен логор“.

Вебер вели дека „културата на молчење“ е делумно одговорна за злоупотребата и укажа дека поранешниот раководител на хорот, Георг Рацингер (кој раководел со хорот од 1964 до 1994-та година) може да се посочи за виновен дека „гледал на поинаков начин и не интервенирал.“

Рацингер, кој е брат на поранешниот папа Бенедикт негираше дека знаел за злоупотребата за време на неговиот мандат во хорот.

Вебер рече дека ги идентификувал сите 49 наводни извршители, но вели дека тие веројатно нема да се соочат со кривични обвиненија, бидејќи злосторствата се случиле одамна.

Локалната католичка епархија соопшти дека до крајот на годината планира да им понуди на жртвите компензација до 23.000 долари.

mk.voanews.com

Без коментари