Најмалку 107 загинати во несреќата во Мека

0
335

До 107 луѓе се зголеми бројот на жртвите во трагедијата во Саудиска Арабија, кога во најголемата џамија во Мека се урна градежен кран, а бројот на повредените се искачи до 238 луѓе, соопшти во саботата рано утрото службата за цивилна заштита на Саудиска Арабија, без процени дали црниот биланс може да расте.
Сé уште нема информации за националноста на жртвите, но останува претпоставката дека најголем број од нив се странски државјани на аџилак во едно од најсветите места на исламот.

Повеќето од жртвите се аџии кои се наоѓаат на хаџ по светите муслимански места во пресрет на големиот празник Курбан Бајрам, на 23-ти септември. Во петокот на традиционалната петочна пладневна молитва тие во огромен број се собрале во џамијата ал-Харам во Мека.

Според првичните сознанија, врз стотиците верници во источниот дел од големата џамија паднал кран, под налетите на силната бура која траела само половина час. По наредба на управителот на Мека, Калед ал-Фејсал, формирана е специјална комисија за истрага на сите околности кои доведоа до несреќата во џамијата чија реконструкција и проширување траат веќе втора година, и поради тоа е ограничен бројот на аџиите кои ќе бидат примени во Мека.