Најмалку 112 жртви од експлозии во град Тијанџин

0
196

Бројот на жртвите од експлозиите во кинескиот пристанишен град на Тијанџин веќе е 112, а 95 лица се исчезнати и по нив се трага. Ова го соопшти агенцијата Ксинхуа, цитирана од светските агенции. Се очекува бројот на загинатите да се зголеми значително. 85 од исчезнатите се пожарникари.

Според податоци на кинеските власти, повеќе од 700 лица се хоспитализирани како резултат на експлозиите во средата и подоцнежниот пожар, како и од новите експлозии во саботата.

Службен кинески портпарол изјави дека властите идентификувале само 24 тела, и им останува да ги идентификуваат останатите 88. Најмалку 21 од загинатите се пожарникари.

Нови експлозии го потресоа кинескиот град Тијанџин вчера. Полицајци го евакуираа целото население во радиус од 3 километри во реонот на градот. Експлозии, од кои градот се уште не може да се опорави, имаше и на 13 август.

Властите во Кина блокирале 50 сајтови поради ширењето на интернет гласини за експлозијата во Тијанџин, соопшти уште Ксинхуа.

Според податоците на Администрацијата на сајбер простор во Кина, регулаторот ги обвинил сајтовите во создавање на паника преку пораки со непроверени информации и ширењето на лажни гласини, кои се одразуваат негативно на населението. 18 сајтови се блокирани и лишени од лиценца, а работата на останатите 32 е прекината.

Во саботата кинеските власти блокираа исто така и повеќе од 360 профии на социјалните мрежи поради гласините објавени од нивните сопственици.