Најмалку 23 загинати во поплави во Западна Вирџинија

0
385

Во поплавите по силните бури и поројните врнежи во Западна Вирџинија, на истокот од САД, животите ги загубиле најмалку 23 луѓе, објави во петокот гувернерот на оваа сојузна држава.

„Засега е потврдена смртта на 14 лица“, изјавил гувернерот Ерл Реј Томблин на прес-конференција. Потврдил дека по обилните дождови кои врнеле без престан осум часа, 500 луѓе останале заробени во еден трговски центар во местото Илквју, во близина на главниот град Чарлстон, откако бил однесен тамошниот мост.

Многу луѓе се заробени на други места низ Западна Вирџинија, па спасувачките екипи со чамци ги извлекуваат од покривите на куќите, откако реките во петокот достигнале историски нивоа.

Томбилн рекол дека и натаму најголем проблем се високите водостои кои веќе предизвикале големи материјални штети во најмалку шест окрузи, додека повеќе од илјада куќи се оштетени, меѓу кои и неколку пензионерски домови.

Околу 60.000 домови останале без снабдување со електрична енергија или гас, и 60 патни правци се затворени поради паѓање на стебла. Отворени се 17 центри за прифаќање на евакуираните лица.

Властите на Западна Вирџинија ноќта кон петокот прогласија вонредна состојба во 44 окрузи, главно во југоисточниот дел од земјата. Според метеоролозите, се чини дека бурите се оддалечуваат, но гувернерот предупредил на можноста од нови обилни врнежи./крај/мф/сн