Најмалку 260 мигранти и 15 полицајци повредени на македонско-грчката граница

0
677

Најмалку 260 мигранти наводно се повредени во судирите на границата помеѓу Грција и Македонија, соопшти Лекари без граници. Полицијата пушти солзавец додека барателите на азил се обидуваа да ја преминат границата. Според МВР, повредени се околу 15 македонски полицајци, од кои петмина потешко.

Хуманитарната организација Лекари без граници соопшти дека повеќе десетици луѓе се повредени во инциденти во Грција на границата со Македонија и дека испратила дополнителни тимови да им помогнат на мигрантите во кампот за бегалци Идомени.

„Десетици луѓе беа повредени, главно претрпеа респираторни проблеми, а тројца однесовме во болница“, соопшти претставникот на Лекари без граници Ахил Цемос.

Група баратели на азил денеска се обидоа да ја поминат границата и да влезат во Македонија, на што македонската полиција одговори со солзавец и шок-бомби.

Според новинарите присутни во Идомени, солзавец бил пуштан и во радиус од најмалку 200 метри во кампот, во шаторите каде што главно биле жени и деца.

„Азилантите фрлаа камења кон полицијата. Полицијата за возврат им пушти солзавец“, рекол анонимен македонски извор за Ројтерс. „Мигрантите ја туркаа оградата, но од грчката страна на границата. Оградата сè уште е таму, тие не се пробија.“

www.mkd.mk