Најмалку 260 загинати во земјотресот во јужна Азија

0
350

Најмалку 260 луѓе загинаа, а повеќе од 1.000 се повредени во силниот земјотрес кој ја погоди јужна Азија. Потресот бил со силина од 7,5 степени по Рихтеровата скала.

Од интензитетот на земјотресот се урнале голем број градби, а биле предизвикани и повеќе одрони и свлечишта. Жртви има и во човечки стампеда, кои се создале при паничните обиди луѓето да побегнат од зградите каде што се наоѓале.
Епицентарот на земјотресот бил во планинските предели во североисточниот дел на Авганистан, но бил силно почуствуван и во Индија, Таџикистан и Пакистан, каде се и најголемиот број на жртви.
„Ги кажував моите попладневни молитви кога се случи земјотресот. Покривот и ѕидовите на куќата се урнаа. Две деца од мојата фамилија се повредени,“ вели Нур Мохамед – жител на Исламабад, Пакистан.
„Имаше голем потрес. Бевме преплашени и со трчање излеговме од зградите. Градбите почнаа да се тресат и се исплашивме бидејќи мислевме дека ќе се урнат. Затоа сите вработени се симнаа доле и чекаа се да заврши. Бевме навистина уплашени“, изјави Муктар Ахмед – вработен во индиската Влада.
Регионот на јужна Азија има богата историја на моќни земјотреси поради движењето на тектонските плочи.
Во 2005-та година, земјотрес со јачина од 7,6 степени ја погоди областа Кашмир, при што загинаа повеќе од 75 илјади луѓе. Иако тогашниот и денешниот потрес се речиси со ист интензитет, големо влијание има длабочината на епицентарот. Среќа во несреќа според аналитичарите е што овој пат епицентарот бил на околу 200 километри под земја.
Пред неколку месеци разорен земјотрес го погоди и Непал, каде загинаа околу 9 илјади луѓе, а речиси еден милион останаа без своите домови.

Без коментари

LEAVE A REPLY