Најмалку 37 мигрантски жртви крај либискиот брег

0
4716

Најмалку 37 луѓе ги загубиле животите во потонување на брод со мигранти во близина на либискиот брег, објавија локалните власти.

Ова е втора ваква трагедија за само неколку дена откако во четвртокот потона пренатрупан брод со очајници кој од либиското пристаниште Зувара испловил кон Италија, при што загинаа најмалку 200 луѓе.

По потонувањето на бродот портпаролот на Црвената полумесечна во Триполи извести дека седум тела на имигранти се пронајдени во близина на Комс, но рибарите подоцна откриле уште 30 тела во истата област, стотина километри оддалечена од либиската престолнина.

Либија стана главната транзитна рута за мигрантите кои од субсахарска Африка и другите делови на континентот, со помош на криумчарите, бегаат пред војните и сиромаштијата во Европа.

Според податоците на високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), бројот на бегалците и мигрантите кои преку Медитеранот доаѓаат до Европа во текот на годинава веќе ја надминал бројката од 300.000, што е значително повеќе од целата мината година кога биле регистрирани 219.000 бегалци.

На овој несигурен пат смртно настрадале досега годинава повеќе од 2.400 луѓе, а во овој црн биланс не се вброени новите жртви од последните 24 часа во Либија. Во текот на 2014 година на патот кон Европа загинаа или исчезнаа 3.500 луѓе./крај/мф/сн