Најмалку 4 жртви по вчерашното невреме во Скопје

0
840

Невремето што вчера го погоди Скопје одзеде најмалку 4 животи, велат жители на селото Стајковци за МКД. Неофицијалните информации се дека има уште најмалку четиримина загинати од Стајковци и Синѓелиќ. Ова го потврдија и од погребното претпријатие Бутел, кои рекоа дека вчера биле пренесени четири тела, а утрово нивни возила веќе се заминати за преземање на уште најмалку четири загинати.

Засега нема официјална потврда на овие информации. Центарот за управување со кризи и градот Скопје подоцна претпладнево ќе дадат детални информации за штетите и евентуалните жртви.

Најпогодени од вчерашниот пороен дожд и силен ветер беа токму Стајковци и Синѓелиќ, каде што надојдената вода од планината предизвика одрони и свлечишта и ги поплави домовите и возилата.

Повеќе од 30 возила приближно час и половина беа заглавени на обиколницата кај селото, поради свлечиште што формирало насип, а водата влегувала и во автомобилите. Заглавените граѓани бараа помош преку социјалните мрежи.

Во Стајковци, во кое е најкритичната состојбата по невремето што го зафати Скопје и околината, синоќа беа испратени припадници на војската и на специјалните единици.