Најмалку 70 убиени и над 100 ранети во терористички напад во Багдад

0
431

Бројот од жртвите од двојниот самоубиствен бомбашки напад во неделата во шиитската населба на ирачката престолнина Багдад се зголеми на 70, а повеќе од 100 луѓе се ранети, а во одвоен напад во Абу Граиб се убиени најмалку 17 припадници на ирачките безбедносни сили.

Одговорноста за нападот во шиитскиот кварт Садр Сити, најголемиот во Багдад според бројот на жртвите од почетокот на годинава, ја презема екстремната сунитска терористичка организација Исламска држава. Во соопштението објавено на интернет, џијадистите ја преземаат одговорноста со порака „Нашите мечеви нема да престанат да отсекуваат глави на многубошците, каде и да се“. Со изразот многубошци или политеисти, сунитите ги означуваат шиитските муслимани.

Полициски изводи соопштија дека се разнеле двајца бомбаши самоубијци на мотоцикли на преполниот пазар за мобилни телефони.

Ирачките безбедносни сили помогнати од меѓународната коалиција предводена од САД која изведува воздушни удари, неодамна ја потиснаа Исламската држава од западната покраина Анбар, и подготвуваат офанзива за да ја вратат контролата врз северниот град Мосул, втор по големина во земјата. Меѓутоа, џихадистичката групација сé уште е моќна и може да изведува напади од своите упоришта и најчести цели ѝ се шиитските муслимани кои сочинуваат мнозинство од околу 66 отсто во Ирак. Така во четвртокот двајца бомбаши самоубијци убија 15 луѓе во џамијата во Багдад.

Премиерот Хајдер ал-Абади оцени во неделата дека нападите се одговор на неодамнешните порази на Исламската држава. Но аналитичарот Јасин ал- Багдади оценува дека овие напади покажуваат дека е прерано да се изјавува дека Исламската држава ја губи моќта во Ирак.

Во неделата утрото бомбаши самоубијци и вооружени напаѓачи нападнале припадници на ирачките безбедносни сили во Абу Граиб и заземале позиции во силос и на локалните гробишта, при што биле убиени најмалку 17 припадници на безбедносните сили./крај/мф/сн