Најмалку пет жртви во експлозија во фабрика за пиротехника во Шпанија

0
448

Најмалку пет луѓе ги загубиле животите во силната експлозија која се случила во фабрика за пиротехнички материјали и кибрити во близина на североисточниот шпански град Сарагоса, главен град на автономната единица Арагон, објавија локалните власти.

Покрај жртвите, уште шест лица со повреди се пренесени во болница. Тројца настрадани се во тешка состојба, пренесува агенцијата EFE повикувајќи се на припадникот на противпожарната екипа, Армандо Сестера. Додал дека едно лице починало на пат за болницата, а дека сите лица кои претходно се сметани за исчезнати се пронајдени.

Според претставниците на фабриката „Pirotecnia Zaragozana“, во погоните лоцирани во предградие недалеку од аеродромот, имало 43 работници. Портпаролката на локалната служба за вонредни ситуации изјавила дека експлозијата се слушнала во поголемиот дел од Сарагоса.

Полицијата во понеделникот вечерата од безбедносни причини го зголемила сигурносниот периметар, поради тоа што во фабричкиот круг сé уште горат камиони, во кои може да има експлозиви и запаливи материи.

Градоначалникот на предградието Гарапиниљос, место со пет илјади жители на девет километри од Сарагоса, Луис Мигел Рода, изјавил дека сé уште нема сигурна потврда дали е оштетена зградата на фабриката. Истакнал дека таа е далеку од населените места, како и дека причината за експлозијата засега е непозната.

Фабриката е основа во 1860 година и се смета за една од најголемите од овој вид во Шпанија. Нејзините производи се продаваат во Велика Британија, Германија, Данска, Франција, Белгија, Холандија, Швајцарија и Канада.

Електронското издание на весникот El Pais истакнува дека во последните 25 години над 110 луѓе загинале и многу повеќе биле повредени, во експлозиите во фабрики за пиротехника ширум Шпанија./крај/мф/сн