Најмалку тројца ранети во експлозија во Истанбул

0
315

Три лица се ранети во турската метропола Истанбул кога во саботата вечерта во близина на автобуска постојка експлодирала бомба.

Експлозијата одекнала во централниот истанбулски округ Меџидиекој. Експлозивната направа се наоѓала во најлонска кеса, пренесува агенцијата Dogan. Тројцата повредени се пренесени во блиската болница, но не се здобиле со потешки рани.

Од блискиот трговски центар се евакуирани посетителите. Областа на експлозијата е блокирана и ја надлетуваат хеликоптери.

Неколку часа претходно полицијата изведе контролирана експлозија на торба оставена на централниот истанбулски плоштад Таксим. Плоштадот, во чија близина се наоѓаат бројни познати хотели и ресторани, беше блокиран додека полицијата ја прегледуваше сомнителната торба. Подоцна таа е детонирана, но не се соопштени поединости.

САД неколку часа претходно во саботата издадоа предупредување за своите државјани дека се многу веројатни напади во Истанбул и во Анталија, двете водечки туристички дестинации во Турција. Во петокот ноќта и Израел издаде слично предупредување за своите граѓани и ги повика оние кои се во земјата веднаш да ја напуштат Турција поради директна опасност од напади во туристичките места.

Истанбул последните месеци беше сцена на неколку терористички напади врз туристи. Пред точно три седмици, бомбаш самоубиец се разнесе во центарот на Истанбул и уби четири странски туристи, од кои тројца беа Израелци, а еден Иранец. Претходно во јануари 12 туристи, претежно германски, загинаа во Истанбул во сличен самоубиствен бомбашки напад, а за двата турските власти ја обвинија екстремната сунитска организација Исламска држава./крај/мф/сн