Најмногу забелешки на соработката со државните институции

0
421

Јавни обвинителства, судови и други државни институции и органи не постапуваат по барањата и роковите определени од Специјалното јавно обвинителство. Ова претставува еден од најсериозните проблеми за нормално и ефикасно работење на обвинителството, велат од СЈО во изваштајот за работата од 15 септември 2015 до 15 март 20116 година. Во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија, се најавува во извештајот.

Во периодот од 15 септември 2015 до 15 март 2016 година Специјалното јавно обвинителство покрена 14 нови предистражни постапки, а за случаите „Титаник” и „Транспортер” се подготвуваат и обвинителните акти.

СЈО досега преслушало 45% (или 272.950) од вкупниот број аудио фајлови, од кои 2.030 часа или 90.618 аудио фајлови биле приватни разговори. Во СЈО откриени се уште 66.909 избришани аудио фајлови, со тоа што вкупната бројка на аудио фајлови се искачи на 606.555. На овие фајлови е извршен електронски попис кој се наоѓа на вкупно 15.906 страници во електронска форма. При попишувањето е утврдено дека времетраењето на сите аудио фајлови изнесува 13.200 часа.

Третиот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство денеска беше доставен до Советот на јавни обвинители и Собранието на Република Македонија.

Во однос на недоставувањето на предметите на барање на СЈО, во извештајот се вели дека ако продолжи оваа пракса специјалната обвинителка ќе биде приморана да воспостави надлежност врз предметите од прислушуваните материјали и да се легитимира во постапките по таквите предмети за да се исполнат законските обврски.

„Голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова јавно обвинителство адресирани врз основа на овластувања и права дадени со закон, а воедно и непочитување на претходно воспоставената пракса… Јавните обвинителства одбиваа да соработуваат со ова СЈО, одбивајќи да ми достават предмети на увид без да имаат законски основ за таквото одбивање и воопшто одбивајќи да ми ги достават предметите кои ги имам побарано со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство. Појаснувам дека согласно членот 11 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, единствено јас имам законски овластувања да се произнесам за стварната надлежност врз предметите, а обврска на јавните обвинителства е бараните предмети да ми ги достават. Недостасувањето на предметите и известувањето испратено од страна на овие обвинителства до Советот на јавни обвинители со кои се иницира постапка за проверка на мојата професионалност при извршувањето на работите и задачите попишани со законот, од аспект на предметите кои ги имам побарано, е токму одраз на недостаток на доверба во мене како специјален јавен обвинител и повреда на законските обврски и начелото на автономија на ова јавно обвинителство.

Во извештајниот период и Основниот суд Скопје 1 Скопје не ги достави доказите на ова јавно обвинителство како овластен тужител со што предизвика одолговлечување на почетокот на главната расправа за предметот познат во јавноста како „Пуч“ (со одбивањето да постапи согласно правилата на меѓуинституционалната соработка, регулирана во членот 81 од ЗКП и да обезбеди копии на доказите од предметот за ова Јавно обвинителство). Истото се случува и при доставување од ова јавно обвинителство барање за увид во архивирани предмети.

Несоодветен начин на постапување имаат и други државни институции и органи кои не постапуваат по барањата и роковите определени од специјалниот јавниот обвинител“, пишува во извештајот.

„Што се однесува до персоналниот план на ова јавно обвинителство, за совладување на моменталниот обем на работа доволни се 10 јавни обвинители. Целокупното финансиско работење на ова Јавно обвинителство во извештајниот период се движи во рамки на одобрениот буџет“, пишува во третиот извештај на СЈО.