Најстарата копија на Десетте заповеди првпат изложена во Ерусалим

0
305

Најстариот зачуван ракопис со целосниот текст на Десетте (Божји) заповеди е изложен во Музејот на Израел во Ерусалим.

„Свитокот од пред две илјади години е дел од колекцијата на најстарите ракописи, пронајдени на брегот од Мртвото Море, источно од Ерусалим, и никогаш досега не биле изложени во Израел“, вели Пнина Шор, шеф на проектот „Свитоците од Мртвото Море“, кој се остварува под покровителство на израелската Управа за антиквитети.

Проектот има цел да го осигури зачувувањето на древните библиски ракописи откриени во една од пештерите на северниот брег од познатото солено езеро, коешто се наоѓа на најниската точка на површината на планетата.

Некои од пронајдените документи се сочувани само во фрагменти, други, пак, како споменатата копија на Декалогот, се визуелно непроменети. Сепак, ова е само површен впечаток, односно ракописот е многу стар, и затоа во музејот ќе биде изложен само две седмици во рамките на поставката која беше отворена на 6-ти мај. Потоа, тој ќе биде вратен во специјална комора којашто не пропушта светлина со контролирана температура.

Поставката во Музејот на Израел, под наслов „Куса историја на човештвото“ опфаќа уште четиринаесет експонати, меѓу кои и древни артефакти, како што е 1,5 милиони години старата алатка за лов на предците на денешните слонови, или предмети најдени на огниште стари околу 800 илјади години.