Највисоко ниво на Сена во Париз, најмалку 10 мртви во поплавите во Франција и Германија

0
539

Порастот на нивото на водата во Сена во Париз е спектакуларен и прогласен е „портокалов“ аларм, а водостојот треба да го достигне врвот во петокот подоцна, додека во поплавите кои ги погодија Франција и Германија загинале најмалку десет лица, соопштија властите.

Во големите париски музеи сместени на двата брега на Сена се води трка со времето за да се засолнат деловите од скапите збирки уметнички дела кои се подготвуваат со години. Музејот Лувр и во петок треба да остане затворен за посетители за превентивно да се евакуираат делата кои се чуваат во тамошните депоа.

Водостојот на Сена во Париз се качи на 5,37 метри на референтната скала и треба да го достигне врвот подоцна во петокот на 5,90 метри, предупредија градските власти. Но ова ниво, сепак, останува далеку од 8,62 метри во текот на поплавата од 1910 година којашто е референта точка за Париз.

Бреговите на реката се поплавени на неколку места, така што таму не можат да се движат автомобили, како и линијата на регионалниот воз за француската престолнина која се простира покрај Сена. Речниот сообраќај и натаму е забранет. Едно лице паднало во водата и се удавило во поширокиот регион на Париз.

Во регионот и појужно прогласена е тревога во 13 француски департмани со повеќе од 19 илјади домаќинства кои од четвртокот вечерта останаа без електрична енергија. Имајќи ја предвид големата материјално штета, „ќе биде прогласена состојба на природна катастрофа“, вети францускиот претседател Франсоа Оланд.

Вкупно од почетокот на силните дождови минатиот викенд, околу 20.000 лица се евакуирани и засолнати во 16.000 интервенции спроведени на целата територија на Франција, соопшти во четвртокот ноќта министерството за внатрешни работи. Во западна Франција без струја останале 12.000 домови или повеќе од 100.000 корисници во градовите Донж, Геранд, како и во регионот Сен-Назер и по течението на реката Лоара.

Во Баварија, на југот на Германија, бројот на жртвите во поплавите во четвртокот вечер на девет, а три лица се водат за исчезнати. Во епицентарот на поплавите Зимбах-ам-Ин во средата нивото на водата на улиците во градот падна, откако претходно на некои места се искачуваа до покривите.

По посетата на поплавените кантоните, баварскиот министер за финансии Маркус Шедер изјави дека станува збор за „дождовно цунами“, а баварската министерка за екологија Урлике Шарф невреме од „невидени димензии“, припишувајќи го на климатските промени./крај/мф/сн