Наместо да праќа демарши, Грција требаше да соработува со нас

0
702

Грчкото Министерство за надворешни работи наместо да праќа демарши требаше да нѐ извести за сето она што се случува со денови во кампот Идомени, кога таканаречени волонтери, кои го организираа ова и делеа летоци на арапски јазик, вршеа и подготовки за насилно влегување на наша територија, изјави Ѓорге Иванов, претседателот на Македонија во вечерашниве вести на грчката ТВ Мега.

Во однос на вчерашниот инцидент на македонско-грчката граница, Иванов рече дека македонските институции го преземаа сето она што требаше да биде преземено од грчките институции за да се спречи обид за масовно влегување на мигранти на наша територија.

„Ја повикувам ЕУ да ѝ помогне на Грција да го испразни  кампот во Идомени од каде доаѓаат  во последно време сите илегални обиди за поминување на наша територија и долж коридорот кој е затворен со одлука на Брисел. Сѐ додека постои таа одлука, ние ќе ја почитуваме и нема да дозволиме илегален премин на наша територија.

Не доликува на земја – членка на ЕУ и НАТО, земја која учествувала во носењето на оваа одлука за затворање на коридорот, да не ја почитува таа одлука и да дозволува да се загрозува територијата на нејзина соседна држава со илегално минување на мигранти“.

За координацијата на македонската полиција со грчките институции, Иванов ја повтори констатацијата дека таква соработка нема.

„Воопшто не постоеше никаква координација, ниту пак информирање за сето она што се случуваше во кампот Идомени. Доколку ги имавме ние информациите можеше да се превенира и да се преземат активности да не дојде до овој инцидент. Слична е состојбата и со другите институции кои не ги разменуваат информациите кои се неопходни за да се спроведе одлуката која е донесена во Брисел на Европскиот совет, за затворање на балканскиот коридор“.

Во интервјуто за грчката ТВ Мега Иванов потсети дека од прогласувањето на кризна состојба до денес Македонија има стотина повредени припадници на безбедносни сили, од инциденти кои се случуваат од грчка на наша територија.

www.mkd.mk

 

Без коментари

LEAVE A REPLY