Нападите во Келн биле договорени

0
744

Масовните напади врз минувачите на главната железничка станица во Келн во новогодишната ноќ биле испланирани преку социјалните мрежи, потврди германскиот министер за правосудство Хеико Мас, во разговор за денешното издание на весникот Билд, Билд ам зонтаг.

„Кога ваков чопор ќе се собере со една единствена цел, а тоа е извршување кривични дела, тоа мора да е некако планирано. Никој не може да ми каже дека тоа не било подготвувано и договорено“, кажа Мас во разговорот за германскиот весник.

Тој смета дека датумот и очекуваната толпа луѓе кои во новогодишната ноќ вообичаено се собира на сообраќајните јазли на големите градови се „внимателно одбрани“.

Билд ам зонтаг се повикува и на полициските извештаи според кои емигранти од северноафриканските земји од околината на Келн, но и од блиските Холандија и Белгија, преку социјалните мрежи меѓусебно се повикувале да дојдат на железничката станица во Келн.

Мас истовремено предупредил да не се носат „избрзани заклучоци“ според кои бегалците и азилантите се најчестите извршители на сексуалните казнени дела.

„Да се заклучи дека некој тежнее кон криминал исклучиво врз основа на неговото потекло го сметам за многу авантуристичко“, кажа Мас. Тој објасни дека според статистиките стапката на криминалитет меѓу бегалците и емигрантите не е повисока отколку кај Германците.

 Тој објасни и дека по големиот прилив емигранти не е забележан и пораст на кривичните дела.
www.mkd.mk

Без коментари

LEAVE A REPLY