Напаѓачите во Дака биле членови на локална група, нe на IS

0
336

Џихадистите кои ноќта кон саботата усмртија 20 цивили, најголем дел странци, во текот на заложничката драма во ресторанот во Дака, ѝ припаѓале на бангладешка бунтовничка исламистичка група, а не на екстремната сунитска организација Исламска држава (IS), изјави во неделата министерот за внатрешни работи на Банлгадеш, Азадузаман Хан.

„Тие се припадници на Џаамат-ул-Муџахидин Бангладеш“, изјавил министерот Хан, појаснувајќи дека станува збор за екстремистичка организација која повеќе од десет години е забранета во земјата.

Според него, „тие немаа никаква поврзаност со Исламската држава“, којашто претходно преку своите интернет ресурси објави дека шесттемина напаѓачи се нејзини припадници, пренесува AFP.

Владата на Бангладеш, која со години наназад а особено последните две години се соочува со повремени исламистички напади, главно насочени кон верските малцинства, секуларни и ЛГБТ активисти, како и странци, негира дека во земјата се активни меѓународните џихадистички групи, особено Исламската држава.

Исламската држава додека траеше 11-часовната опсада на ресторанот во бангладешката престолнина преку својот ресурс агенцијата Amaq објави дека нападот и грабнувањето го извршиле нејзините припадници.

Притоа на интернет беа објавени снимки од жртвите од местото на нападот и фотографии од наводните напаѓачи. Засега нема податоци за автентичноста на тие снимки.

Во меѓувреме полицијата ги објави имињата и фотографиите на шесте напаѓачи кои се убиени во нападот на нејзините сили за брза реакција. Седмиот, кој е уапсен, е испитуван од разузнавачките служби.

Оваа група во петокот вечерта нападна ресторан популарен меѓу странците во Дака, во кој според некои податоци имало државјани Аргентина, САД, Индија, Италија и Јапонија.

Покрај двајцата бангладешки полицајци, кои се убиени во престрелката со напаѓачите, меѓу 20-те цивилно жртви Италија објави дека девет се нејзини државјани, Јапонија потврди седум жртви, а САД и Индија по една. /крај/мф/сн