Напаѓачот во Манчестер сакал да се одмазди за убиство на пријател?

0
476

Салман Абеди, осомничениот за нападот во Манчестер, минатата година кажал дека сака да се одмазди за убиство на свој пријател кого Англичани го нападнале во тој град. Ова на полицијата ѝ го открил извор близок до семејството.

Пријателот на Абеди, исто така со либиско потекло, умрел откако локални момчиња го изболе со нож во мај 2016 во Манчестер, кажал изворот, кој сакал да остане анонимен. На момчињата сѐ уште им се суди.

„Инцидентот разбуди гнев меѓу младите Либијци во Манчестер, а особено кај Салман, кој јавно кажуваше дека сака да се одмазди“, кажал изворот, пренесува Франс прес.

„Успеавме да ги смириме младите луѓе во населбите што веруваа дека се на нишан поради тоа што се муслимани. Но изгледа дека Салман не го заборавил инцидентот“, кажал тој.

Неименуваниот извор навел дека и лично разговарал со Салман и се обидел да го убеди дека станува збор за кривично дело.