Наредена итна евакуација поради историски поплави

0
206

Градот Џексонвил на северозападот од американската сојузна држава Флорида издаде наредба за итна евакуација бидејќи се очекува нивото на поплави поради ураганот Ирма дополнително да порасне поради доаѓањето на плимата.

„Доколку сте во евакуирана зона А или Б долж реката мора да го следите ова предупредување и да заминете веднаш“, соопштила вчера канцеларијата на шерифот во Џексонвил говорејќи за краевите долж реката Свети Џонс, која го дели градот.

Во соопштението се нагласува дека веќе е забележано историско ниво на поплави и се предупредува дека тоа ќе продолжи да расте.

„Очекувајте 1,2 до 1,8 метри над нормалното плимско ниво“, се наведува во соопштението.

Жителите кои имаат потреба од помош да ги напуштат домовите се повикуваат да закачат бело знаме, маица или некој друг бел објект пред своите куќи како би го привлекле вниманието на спасувачките тимови.