НАТО ја плаши Русија

0
521

Министрите за одбрана на НАТО со договор за зајакнување на источниот бедем на алијансата. Целта е заплашување на Русија. Од Москва веќе доаѓа одговор.

НАТО го зголемува военото присуство на својот источен бедем, особено во балтичките држави и Полска. Министрите за одбрана на Алијансата реагираат на заканите кои, според нив, произлегуваат од Русија по анексијата на Крим и постојаните големи маневри на украинската граница. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на средбата на министрите за одбрана на членките на воениот сојуз, зборуваше за „најголемо проширување на колективната одбрана од Студената војна досега“. Литванскиот министер за одбрана Јузас Олекас не смета дека руска инвазија на Балтикот е можна, но сепак вели: „Тоа не можеме да го исклучиме.“ Руската армија, според него, е во состојба да изведува големи маневри на границата и од тоа за неколку часа да произлезе вистинска воена акција.

Видливо присуство на трупи од НАТО бараа пред сѐ малите балтички држави. Сега сојузот до самитот во Варшава, на почетокот на јули, треба да претстави официјален план. Се наѕира распоредување на четири мутлинационални НАТО-баталјони на Балтикот и во Полска. Секој од баталјоните би можел да брои 800 до 1000 војници, изјави американскиот амбасадор во НАТО, Даглас Лут. Германија, САД и Велика Британија би требало да раководат со по еден баталјон. „Германија е подготвена да преземе одговорност“, изјави германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен. Кој во која земја би бил распореден, сѐ уште не е одлучено.

За четвртиот баталјон, кој треба да биде распореден во Полска, сѐ уште се бара нација која ќе биде водечка. САД се обидуваат да ја убедат Канада, затоа што многу европски држави на НАТО велат дека немаат капацитети.

За балтичките држави не е доволно само распоредување на борбени сили на НАТО, туку тие бараат и подобра противвоздушна одбрана од можни руски напади. НАТО досега се потпира на т.н. „Air policing“. Воените авиони на НАТО кои се стационирани на Балтикот се во воздух кога руските авиони го повредуваат воздушниот простор, меѓутоа тие немаат воена задача и не би можеле да спречат поголем напад од страна на руската воена авијација.