НАТО подготвен да ѝ помогне на Турција

0
244

НАТО соопшти дека во вторник ќе одржи вонреден состанок на кој ќе се дискутира за турските безбедносни операции против милитантите на Исламската држава и бунтовниците на Курдската работничка партија. Турција деновиве почна да изведува воздушни напади во соседните Сирија и Ирак.

Во Брисел е наведено дека Турција побарала Состанок на Советот на НАТО во кој се вклучени амбасадорите на сите 28 земји членки на Алијансата.

Консултациите, како што се додава, биле свикани поради сериозноста на ситуацијата по грозоморните терористички напади во изминативе денови.

„НАТО сојузниците го следат развојот на ситуацијата многу внимателно и покажуваат солидарност со Турција“, се наведува во соопштението на Алијансата.

Анкара се повика на клаузулата од основачкиот договор на НАТО со која и се дозволува на секоја членка да бара состанок „во секое време доколку се најде под закана нејзиниот територијален интегритет, политичката независност или безбедноста“.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу изјави дека воздушните напади во Сирија и северен Ирак би можело да ја сменат играта во регионот.

Турската државна телевизија синоќа објави дека биле извршени нови напади врз курдските бунтовници на северот на Ирак. Авионите полетале од базата во Дијарбекир.