Наум Љамчевски ќе го води Пелистер во крајот на сезоната

0
190

По заминувањето од клупата на Пелистер на Ѓоко Хаџиевски, неколку дена по математичкото испаѓање на битолскиот клуб во Втората лига, од денес тренер на екипата во последните две кола од сезоната е назначен тренерот на младинската екипа, Наум Љамчевски. Тој ќе ги води зелените на преостанатите два натпревари со Тетекс во Прилеп и со Брегалница во Штип. За очекување е на овие натпревари, битолчани да настапат со млада екипа, можеби и со некои од фудбалерите од младинската екипа, која со успех ја водеше Љамчевски оваа пролет. Ова е трето враќање на Наум Љамчевски на клупата на Пелистер. Тој е бивш фудбалер на клубот, работел во сите улоги за Пелистер, а сега ќе се обиде колку што е можно да ја спаси честа на клубот, кој по трет пат испаѓа во понизок ранг на натпреварување. Во тренерската кариера, Наум Љамчевски покрај на клупата на Пелистер ги водеше и Напредок, Караорман, Охрид, Победа, Силекс а беше и во стручниот штаб на младата фудбалската репрезентација на Македонија. Тој првиот тренинг со екипата ќе го има денес од 17 часот на теренот со вештачка трева „Павел Шатев„ во Битола.