Навивачите на Реал и на Манчестер да се сместат во студентските домови

0
735

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, излезе со предлог студентските домови да се отворат за навивачите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед за време на Супер купот што треба да се одржи во Скопје на осми август.

– Во хотелите во Скопје не можат да се сместат навивачите на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, поради што предлагам да се отворат студентските домови во Скопје во кои можат да се сместат неколку илјади гости. Сместувањето да биде бесплатно или со минимален надомест, десет евра од кревет, колку да се покријат реалните трошоци – вели Трајанов.

Преку социјалните мрежи, македонските навивачи на Манчестар пред неколку дена покренаа и иницијатива да се организираат и оние кои можат да им понудат сместување на навивачите од Англија.

Како што велат, проблемот со сместувањето на англиските, но и на фанови на тимот од други држави настанал откако им биле откажани резервациите кои ги направиле поодамна. Посочуваат, причината е тоа што хотелиерите им откажале со намера сега леглата да ги понудат за драстично повисоки цени.

Цени од 500 до 2.000 евра за ноќевање во хотелите во Скопје, можеа да се видат на „онлајн“ страниците за резервација уште пред повеќе од еден месец од одржувањето на Супер купот.

Во моментов, сместување и ноќевање за двајца на осми август може да се пронајде од 400 евра, па сè до суми кои достигнуваат цифри и до 1.500 евра.

Покрај лавината коментари и реакции по социјалните мрежи, високите цени беа тема за која пишуваа и британските и шпанските медиуми.

plusinfo.mk