НБМ ги намалува трошоците на банките, се ослободуваат пари за кредитирање

0
212

Само еден месец откако беше регистриран јулски пад на вкупната депозитна база, Народната Банка донесе одлука со која ги ослободи деловните банки од задолжителната резерва за денарското штедење со рочност над 1 година. Од НБМ сметаат дека на ваков начин ќе се поттикне  подолгорочното штедење на домаќинствата во домашна валута но и дека ќе се создаде простор за засилување на кредитната активност кај банките.

“Со измените се врши намалување на стапката на задолжителната резерва за обврските на банките кон физички лица во домашна валута со договорна рочност над една година, од 8% на 0%, со што овие обврски добиваат ист третман како и обврските над две години, за кои веќе се применува стапка 0% од 2012 година. Имајќи предвид дека со измената банките се ослободуваат од задолжителната резерва за депозити на физички лица во денари со рочност повисока од една година, се очекува оваа мерка соодветно да влијае врз поголема понуда на штедни производи во денари со стимулативни каматни стапки“, соопштуваат од Народната Банка.

Според првичните оценки на економистите, се работи за потег кој е во насока на олабавување на монетарната политика. На ваков начин, според експертите што ги консултираше “Фактор“, монетарната власт ги намалува трошоците на банките, со што ќе се ослободат пари кои досега се врзани по основ на задолжителната резерва. Сепак, посочуваат економистите останува да се види дали деловните банки ќе ги следат овие сигнали, преку можно зголемување на каматите за долгорочното денарско штедење и дали ослободените средства ќе бидата пласирани за кредитирање или пак ќе завршат пасивно вложени во благајнички или владини хартии од вредост.

Последните  податоци за штедењето покажуваат дека во јули во однос на јуни е регистрирано намалување на вкупната депозитна база. Имено, салдото на депозитите во јули изнесувало 4,65 милијарди евра и за еден месеци, или во однос на јуни е намалено за 47 милиони евра.