Не е добро кога државата се задолжува за покривање на тековни трошоци во буџетот

0
412

Новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити, денеска излезе со став дека не е добро кога државата се задолжува за покривање на тековни трошоци во буџетот. Според него, исплатата на платите, пензиите и социјалните надоместоци во државата мора да тече, но лошо е кога за таа цел земјата позајмува средства, особено на меѓународните пазари на капитал.

„Платите, пензиите, социјалните надоместоци…, тие мора да течат, но во принцип е апсурдно да одите на задолжување и тоа на странски пазари, за да покривате тековни трошоци на буџетот“, изјави денеска академик Фити.

Тој смета дека двојниот потпис што се применува согласно со измените на Законот за влада не е нормален начин на функционирање на едно министерство, но тоа мора да се толерира согласно со договорот од Пржино.

„Имате еден министер, па заменик, па еден, па друг потпис. Но, тоа мора да се толерира согласно со договорот од Пржино“, објаснува академик Фити.

Во врска со завчерашниот апел на опозицијата банките да се воздржат од вложување во државни хартии од вредност, на што, пак, реагираше гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов, кој побара партиите да не ги мешаат банките во нивните политички битки, професорот смета дека банките не мора да постапуваат онака како што ќе повикаат политичарите.