Не преговараме со ДУИ, само комуницираме, но не се откажуваме од формирање влада

0
540

ВМРО-ДПМНЕ ја исклучува широката коалиција како опција за формирање влада, не преговара со ДУИ, туку само комуницира, но не сака да се откаже од битката да формира влада, бидејќи за тоа има легитимитет, право и обврска кон граѓаните кои гласале за оваа партија.

Со овој став на неговата партија излезе пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски на вечерашната дебата Клик Плус на ТВ21 „Кој прв до 61 пратеник?“, во која се соочи со аналитичарите Алберт Муслиу, Петар Арсовски и Александар Кржаловски.

Димовски ги демантираше информациите дека има разногласие во партијата со тврдењето дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била поцврста отколку сега. Тој го бранеше ставот дека најрационален пристап во сегашната ситуација е отворање разговори за нови брзи предвремени избори.

„Има три можни сценарија. Широка владина коалиција, но немаме позитивни искуства од таква влада, коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со 61 или 63 пратеници, а хипотетички можна е и коалиција меѓу СДСМ и ДУИ која нема да има легитимитет од мнозинството граѓани“, рече Димовски, додавајќи дека на политичка сцена нема партија што е пореформска од ВМРО-ДПМНЕ.