Неделава нов извештај од СЈО и судење за „Пуч“

0
386

Два клучни  настани поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство ќе се одржат неделава.

Станува збор за поднесувањето на новиот шестмесечен извештај за работата на СЈО, на 15 септември и закажаното рочиште во Кривичниот суд за случајот „Пуч“, следниот ден.

Јанева вториот извештај ќе го поднесе на годишнината од нејзиното назначување за специјална јавна обвинителка и од основањето на СЈО.

Првиот извештај на Јанева, од 15 март, доведе до расправии меѓу СЈО и Советот на јавни обвинители. Советот инсистираше Јанева лично да образложи делови од извештајот, поради што седниците за негово разгледување беа неколкупати одложувани. Истото го бараа и  од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Пратениците на владејачкото мнозинство тогаш  ја обвинија Јанева дека со нејзиното недоаѓање не ги почитува институциите и се става над Собранието и над Уставот.

Во  судењето за „Пуч“  меѓу обвинетите се лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, последното рочиште се одржа на 2 март.

Јанева тогаш бараше одложување на расправата затоа што на судењата не доаѓа сведокот, кој е оштетен во случајот и дека од судот не им се доставени копиите од списите и електронските докази што им се потребни за да ги подготват воведните говори. Јанева не го кажа името на сведокот, но јасно е дека станува збор за поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Следното рочиште беше закажно за 3 мај, но тоа воопшто не се одржа бидејќи во меѓувреме се случи аболицијата на 56 политичари и нивни соработници, која на 12 април ја донесе, а потоа ја укина шефот на државата, Ѓорге Иванов.

На почетокот на јуни, по укинувањето на аболицијата, Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на СЈО и на обвинетите во „Пуч“ против одлуката на Кривичниот суд за запирање на процесот и донесеодлука судењето да продолжи. Апелацискиот суд претходно донесе одлука со која му наложи на Кривичниот суд да ѝ ги даде на Јанева копиите и доказите, но од првостепениот суд одговорија дека тие немаат обврска да ги дадат копиите и покрај одлуката на Апелација.