Нека почне парадата

0
1029

Хрватска денес со воена парада во Загреб ја одбележува 20-годишнината од воено-полициската акција Олуја и низ хрватската престолнина попладнево продефилираа околу 3.000 учесници на парадата, главно припадници на Хрватската војска.

Во парадата учествуваа и припадници на полицијата, службите за заштита и спасување и пожарникари со своите возила, како и околу 450 воени ветерани и историски единици.

Во колоната  речиси пет километри ќе има над 300 борбени и неборбени возила и техника од кои десетина тенка, топови и хаубици.

Хрватите видоа и 30-тина авиони, меѓу кои неодамна обновени три МиГ-21 и шест „пилатус“ што беа  претставени во рамки на атрактивниот настап на елитната аерогрупа Крила Олује. Во Брачкиот канал кај Сплит  се построи и Хрватската воена морнарица.

Хрватското министерство за одбрана соопштило дека во воената парада од поканетите 15 држави, главно членки на НАТО, речиси сите ќе имаат свои претставници, главно членови на воено-дипломатскиот кор.

Посебно е истакнато пристигнувањето на два генерали од САД и еден генерал од Полска, министерската за одбрана и началникот на Генералштабот на БиХ и началникот на Генералштабот на Албанија.

Поради несогласувањето околу местото и начинот на прославувањето на Денот на победата и татковинската благодарност 20-годишнината од Олуја годинава ќе се слави два дена – со воената парада во Загреб и утре на традиционалната свеченост во Книн.

На церемонијата на кревањето на хрватското знаме на Книнската тврдина ќе биде откриен и споменик на првиот претседател на Хрватска Фрањо Туѓман.

Хрватската невладина организација Документа – Центар за соочување со минатото предупредиле дека и оваа година нема официјално сеќавање на жртвите на Олуја.

 Тие потсетиле дека според извештајот на Хрватскиот хелсиншки комитет за време и по Олуја настрадале 667 српски цивили, а според податоците на УНХЦР Хрватска ја напуштиле околу 220.000 Срби.