Некој повеќе е загрижен за „бомбите“ отколку за иднината на Македонија

0
2646

Не можам да сфатам ниту јас, ниту нашиот преговарачки тим, а верувам ниту нашата македонска јавност, како некому може да му е поважно од овие 12 часа разговори, повеќе од 8-9 часа да потроши на важноста на донесување на законот за забрана на објавување на политичките бомби од европската иднина на сите граѓани на Република Македонија, рече Зоран Заев рано утрово по излегувањето од резиденцијата на ЕУ во Пржино по неуспешните преговори со еврокомесарот Јоханес Хан.

 

„Нема рационално објаснување како е можно да не се постигне договор за едноставни работи и упорно да се купува време до последните моменти. Остануваат уште 20 часа од денешниот ден да се примени законот за специјалниот обвинител и да се избере техничката влада на Република Македонија за да може да се испочитува договорот потпишан на 2 јуни и 15 јули“, рече Заев.

Според претседателот на СДСМ, нема договор ни за техничката влада која треба денес да биде избрана.

„Осум часа се потрошија за законот за бомбите, за да можете да бидете казнувани вие, медиумите, и да биде воведена цензура. Нема да дозволиме да се донесат закони што се спротивни на европските вредности. Тоа е против Република Македонија, не е само против нашите ставови. Тука беа главните проблеми. Спорот во делот на имплементацијата на техничката влада е ветото на заменик-министрите. Апсолутно тоа е дефинирано во самиот член во протоколот, каде што се објаснува дека се однесува на финансиски, човечки и правни работи поврзани со организацијата на изборите. Тоа треба да се преточи во закон, ни повеќе ни помалку. Едноставна е работата, постојат закони и за влада и за јавна администрација, сето друго е постојано во Република Македонија“, рече Заев и појасни дека е недозволиво да има казна затвор од 5 години за главен уредник, за новинар, за медиум или некој одговорен во медиумот.

„Не може никој да даде согласност на вакви законски решенија. Едноставно е, не можеме да се согласиме да бидат казнувани медиумите и претставниците на медиумите спротивно на европските вредности“.

На прашањето дали е оптимист, Заев одговори:

„Не можам да кажам. Нерационалноста во однесувањето транспарентно ја соопштувам. Ако е до нас, ние сме целосно посветени, максимално флексибилни, со сета енергија да успее договорот и Македонија да чекори кон ЕУ. Притоа, да имаме демократски, фер и регуларни избори. Ако се сака, за два часа може да се постигне договор, 20 часа се премногу“.