Нема да дозволам расцепување на македонското национално ткиво

0
286

– Како премиер на Македонија, кој ја добил довербата да раководи со процесите во еден одреден период, нема да дозволам расцепување на македонското национално ткиво и нема да дозволам определена појава да ги загрози вредностите и правците на опстанок на нашата нација. И во ситуација ако не бидам подржан во тој мој поход од другите засегнати, политичкиот капитал кој би го потрошил на краток рок преку некоја отстапка, компромис, широчина на домашен план за да успеам во остварувањето на својата цел за обединетост и заедништво за врвните точки од национален и државен интерес, е минорен во споредба со историската димензија на преземениот чекор,  потенцираше Груевски.

Од предизвиците, додаде тој, се плашат само слабите, а смелите и храбрите со гордост и чест им пристапуваат и ги решаваат.

– Денес имаме држава, денес Република Македонија е суверена, независна и самостојна држава на Балканот. Сепак, треба да бидеме внимателни, затоа што минатото отсекогаш не потсетува на безвременските човечки вистини, а историјата е еден чуден систем за рано предупредување, рече Груевски.

Треба да сме свесни, посочи тој, дека денес имаме држава и дека ја имаме историската одговорност да покажеме капацитет дека сме кадарни таа држава, која е платена со крв и солзи, со човечки животи, со изгубени младости, со многу жртви и самооткажувања, да ја одржиме и да ја направиме силна и почитувана.

– Нема проблем кој не може да се реши, работа која не може да се заврши. Нема ненадминливи разлики. Ние треба да сме свесни во секој момент од нашиот живот, дека сме пред се Македонци, граѓани на оваа земја и дека оваа наша земја ја сакаме повеќе од кој било друг, потенцираше премиерот.

Ние граѓаните кои живееме тука, додаде тој, можеме да најдеме секогаш повеќе и поголем број на заеднички точки и платформи отколку некој кој не е од тука.

– Да, ние имаме пријатели, кои сакаат да ни помогнат во постигнувањето на заедничките цели, но ќе покажеме слабост пред нас самите и пред другите ако ја трошиме нашата енергија да се оцрниме меѓу себе, да си напакостиме, да се закрвиме, и да се ослабиме. Не, ние мора да покажеме и капацитет и карактер кој ќе не направи и повеќе почитувани надвор и повеќе среќни дома. Не изгледа добро кога однадвор бараме помош и сојузници едни против други, истакна Груевски.

Ние, продолжи тој, ќе бидеме гледани од нашите наследници, од идните генерации како една цела генерација, ним нашите недоразбирања ќе им изгледаат мали, или воопшто нема да ги разбираат, ама ако покажеме капацитет и заедништво и ако оствариме напредок за Македонија, на економски, политички, општетствен и културен план, тоа наше дело нема да може да не биде забележано. И таквото дело, рече тој, нема да го препишат на поединец или група туку на целата една генерација на Македонци, и тоа ќе биде дел од нашите заеднички заслуги.

Заедништвото и слогата, почитувањето на различностите и обединување на сите расположливи капацитети во функција на идејата и денес, рече премиерот Груевски, претставуваат вредност на нашето општество, но и пример дека само сплотени можеме да ги оствариме зацртаните цели за подобра и попросперитетна Македонија.

– Тоа е интерес на сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, на сите христијани и муслимани… Сите ние сме Македонија! И токму затоа од првиот ден на мојата работа практикувам политика на отворени врати за секој оној што сака да се приклучи во нашата работа, во нашиот концепт за подобрување на сите сфери во општеството, во проектите кои се однесуваат за сите граѓани. И тоа е победничкиот концепт. Обединувањето на сите расположливи капацитети значи обединување на нашата сила во функција на нашата држава, истакна Груевски.

Само така, посочи, победува Македонија.

– Онака како што нашите потомци, рамо до рамо се бореле и заеднички ја граделе нашата држава, така ние продолжуваме, со слога и заедништво да се справуваме со предизвиците, со толеранција, разбирање и посветеност да ја градиме нашата држава. И во тој контекст мораме заеднички да одговориме на секој предизвик, заеднички да се справиме со секоја кризна состојба и заеднички да исчекориме кон зацртаниот пат за подобра, поуспешна и економски посилна Македонија, членка на ЕУ и НАТО, истакна премиерот Груевски.