Нема да дозволиме безбедносни ризици од мигрантската криза

0
369

Ќе ги следиме постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволиме илегален влез на мигранти во Република Македонија, изјави претседателот Ѓорѓе Иванов синоќа на седницата на Советот за безбедност.

Иванов кажа дека со затварањето на балканската рута овие инциденти биле очекувани, но не смејат властите во која било држава на оваа мигрантска рута да останат пасивни набљудувачи на ваквите инциденти. Тој вели дека недоволната комуникација со Грција доведе до една ваква ситуација.  Иванов потенцира дека државата ќе ги преземе сите мерки  за заштита на државните граници и за зачувување на безбедноста.

„Република Македонија и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволиме илегален влез на мигранти во Република Македонија. Република Македонија, како што и досега покажа кога на нејзината територија поминаа еден милион бегалци, ќе продолжи да дава хуман третман, согласно сите европски и меѓународни стандарди, доследно почитувајќи ги човековите права“- кажа Иванов.

За мигрантската криза Иванов телефонски ќе разговара со лидерите долж балканската рута. На седницата претседателот беше информиран за сите мерки кои се преземени за решавање на состојбата со илегалниот влез на мигранти во Македонија.